Услови за користење на библиотеката

Студентот може да позајмува книги само лично, со индекс заверен за тековната учебна година. При секоја посета на библиотеката, за читање или изнајмување книги, задолжителна е идентификацијата со индекс. На почеток на семестарот студентот добива печат дека е задолжен, а на крајот на семестарот се раздолжува за што повторно добива верификација во индексот со печат дека е раздолжен.

Индексот е задолжителен при првото доаѓање во библиотеката, за да се евидентира со печат во него добивањето на картон, со кој понатаму ќе можат да се позајмуваат книги и на почетокот и на крајот на семестарот, за евиденција со печат за задолженост, односно раздолженост со книги. Печатот за раздолженост е услов за заверка на семестарот.

Студентот, во еден момент, може да користи најмногу четири книги. Книгите може да ги задржи според критериумите, кои зависат од видот на библиотечен материјал. Книгите кои библиотеката ги има во еден примерок, се користат во просториите на библиотеката – во читалната, а по исклучок се изнајмуваат на еден ден со депонирање на индексот.

Книгите кои ги има во неколку примероци, но недоволно за вкупната целна група, се изнајмуваат на неколку дена, во договор со Раководителот на библиотеката или со Помошниците библиотекари, исто така со депонирање на индекс. Списанијата, магистерските трудови и речниците се достапни само во просториите на библиотеката. Скриптите и книгите кои ги има во доволен број примероци можат да се користат во текот на целиот семестар, но најмногу една календарска година.

Исклучок се неколку примероци на книги кои можат да се користат во првите три години на студирање, со обврзно договарање со одговорните лица. При отпис од Факултетот, односно со завршување на студиите, студентот има обврска да ги врати сите позајмени библиотечни единици, за што добива писмена потврда.

Информации околу магистерските тези

За неопходни информации од Магистерските тези, можете да добиете една теза во ПДФ формат, доколку се обратите на
biblioteka@arh.ukim.edu.mk.

Извршете пребарување во базата која се наоѓа на официјалната страница на Факултетот, во полето Библиотека → Дигитална библиотека. Кликнете на сликата за пристап до сите информации за литературата.

Пребарувањето можете да го направите по еден или повеќе термини. Под терминот Магистерска ги добивате сите податоци за Магистерски теми; за поедноставно пребарување додадете Автор, Ментор, Тема или Клучен збор.

За добивање на документи, потребно е да се претставите со име, презиме и број на индекс и да наведете автор на темата. Изберете една или две теми според потребите.

Услови за добивање на потврда од библиотека за уверение Магистер

Студентите кои магистрирале неопходно е:

  • Да се раздолжат со сите книги кои ги должат во Библиотеката.
  • Да донесат укоричена верзија од Магистерската Тема – посебно графички дел во А3 формат и А4 текстуален дел. Обата дела треба да бидат во тврд повез со сива позадина и црн текст.
  • Да донесат ЦД или ДВД со ПДФ фајлови (текстуален и графички дел), по можност со мала големина за оптимално складирање.